Home ГОТВАЧ бабини рецепти Скопско ќофте – рецепт за сите гурмани

Скопско ќофте – рецепт за сите гурмани

18961
G Natural

Состојки:
за ќофтињата:

  • 1 кг мешано мелено месо (говетско и свинско)
  • 100 гр сварен ориз
  • 1 поголем кромид, ситно сецкан
  • 2 јајца
  • 7 лажици презла
  • 1 лажица мешан сув зачин
  • сол и бибер
  • малку мелена црвена пиперка
  • масло за пржење на ќофтињата

за прилог:

  • 200 гр сварен ориз

за сос:

  • 1 кромид, ситно сецкан
  • 700 гр сварен сос од домати
  • 2-3 чешниња лук, ситно сецкани
  • мешан сув зачин
  • сол и бибер
  • магдонос, ситно сецкан
  • 3 кругови кромид
  • 3-4 кругови свеж домат
  • 1 сува пиперка (по желба)

Подготовка:
Прво подгответе го оризот за прилог:

– На малку масло пропржете 200 гр измиен ориз додека зрнета не ја променат бојата. Потоа сипете околу 1 л врела вода и на тивко сварете го оризот. Кога ќе биде сварен ставете го во цедалка и поминете го под млаз студена вода за да се двојат зрната. Исцедениот ориз посолете го и ставете и малку бибер и мелен сув зачин.

– 1/3 од сварениот ориз ставете го во смесата за ќофтиња, а остатокот оставете го за прилог.

Сега подгответе ја смесата за ќофтиња:
– Во еден сад ставете го меленото месо, сецканиот кромид, јајцата, презлата, оризот, мешаниот сув зачин, биберот и солта и малку мелена црвена пиперка. Сите состојки убаво измешајте ги со рака за да се соединат.

– Од подготвената смеса со намастени раце обликувајте ќофтенциња. Треба да добиете 15-20 мали ќофтиња. Испржете ги во тава на малку масло.

Подготовка на сосот:
– Во тава испржете го сецканиот кромид и додадете го сосот од домати, сецканиот лук, малку мелен сув зачин и ситно сецкан магдонос. Варете го сосот 4-5 минути. На крај во сосот додадете сол и бибер по вкус (може и малку шеќер во зависност од киселоста на доматите).

– Земете земјана тава во која ќе го печете ова јадење во рерна и премачкајте ја со путер.

– На средина ставете го варениот ориз кој го оставивте за прилог, а одоколу наредете ги пржените ќофтиња.

– Врз оризот ставете 2-3 кругови (или полукругови) кромид, а најодозгора кругови свежи домати. Додадете сол и бибер и сецкан магдонос.

– Со сосот прелијте ги ќофтињата,а ставете и малку над оризот.

– Вака подготвената тава ставете ја да се пече во загреана рерна околу 40 минути на 180 целзиусови степени.

Старо македонско традиционално јадење - Скопско ќофте

Извор: МИА