Home ГОТВАЧ гезме Оригинален рецепт за бурек

Оригинален рецепт за бурек

12319
G Natural

За вкусови не се дискутира, но овој рецепт за бурек е многу подобар од било која позната пекара.
Состојки:

  • 1/2 кг тенки кори, за баклава
  • 300 гр сирење
  • 250 мл вода
  • 125 мл масло
  • сол, по потреба

Подготовка:
Во длабок сад помешајте ги водата и маслото. Посолете. Ако сирењето е многу солено, внимавајте да не претерате со солта. Со оваа течност ќе ја премачкувате секоја кора, па затоа почесто размешувајте ја течноста со вилушка.
Сирењето со вилушка згмечете го.
Земете тркалезно тавче за печење (26см). Намачкајте го малку со масло и ставете две кори, така што краевите треба да излегуваат од страните на тавчето.
Со лажиче попрскајте врз корите од течноста со вода и масло. Не претерувајте, освен ако не сакате бурекот да ви биде многу, многу мрсен.
Остатокот од корите поделете го на групи од по 3 кори. Секоја група од по 3 кори редете ја во тавата, гужвајќи ја првата кора, попрскајте од течноста со вода и масло, ставете ја втората кора нормално и на третата кора ставете од филот. Ова повторувајте го додека да ги потрошите сите групи од по 3 кори и целата смеса.
Значи, првата кора е згужвана, попрскана со масло и вода, втората е нормално ставена и третата е исто така нормално ставена заедно со дел од филот.
На крај, треба да завршите со кора под која има фил од сирење.
Последната кора попрскајте ја со течноста од масло и вода.
Краевите кои се надвор од тавата преклопете ги врз бурекот и целиот бурек прелијте го со остатокот од течноста.
Печете го загреана рерна на 180 целзиусови степени додека да поруменат корите.
Идеја: Во филот од сирење, може да ставите луто пиперче, црвен пипер, бибер. Бурекот може да го филувате со смеса од шунка, кашкавал и кечап (пица бурек), шунка, павлака и кашкавал, фил од мелено месо со бибер и кромид…

Бурек